2014-та беше одлична, продуктивна, а можеби и најуспешна година за Асоцијација НЕЛ на локално и меѓународно ниво.
Во изминатата година организиравме локални работилници, регионални состаноци и меѓународни младински размени на кои учество земаа повеќе од 120 луѓе од Македонија и Европа, а притоа испративме и повеќе од 150 млади луѓе од Македонија на младински размени, обуки, семинари и волонтирање во 14 европски земји.
Годината ја започнавме со реакредитација за Европскиот Волонтерски Сервис (ЕВС), при што во 2014-та испративме тројца волонтери во Португалија и Полска на краткорочни и долгорочни ЕВС проекти, а во моментов има отворен повик за 10 ЕВС волонтери во Варшава, Полска.
Во февруари организиравме работилница за користењето на WordPress како платформа за блогирање, слободно изразување и промоција, а во истиот период испративме по тројца учесници во Босна и Херцеговина на Активност за градење партнерства и на семинар во Србија.
Во март го аплициравме нашиот прв проект во рамките на програмата Еразмус+ на Европската Комисија, ја редизајниравме и направивме пофункционална нашата веб страница, а испративме и по пет учесници на младински размени во Газиантеп, Турција и Поградец, Албанија, како и тројца учесници на обука во Белград, Србија.
Еден од најинтензивните и најпродуктивни месеци ни беше април, месец во кој организиравме младинска размена за родови односи во Крушево, кажавме НЕ на родовото насилство, организиравме регионален состанок за активно европско граѓанство во Скопје, го набљудувавме првиот круг од Претседателски избори заедно со нашите пријатели СИЛБА од Данска и испративме 20 учесници на проекти во Италија, Словенија, Романија и Албанија.
Месец мај беше резервиран за уште една младинска размена која ја организиравме во Крушево, но овој пат за одржлив развој.
Во мај испративме и пет учесници на обуки во Тирана, Албанија и Инџија, Србија.
Летото беше резервирано за 12 младински размени и обуки на различни теми на кои испративме повеќе од 50 млади луѓе во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Португалија, Шпанија и Полска.
Октомври, ноември и декември беа повторно исполнети со разни проекти на кои испративме 35 наши учесници. Во октомври испративме учесници на обуки во Италија, Полска и Литванија, додека во ноември наши учесници ја преставуваа Македонија на младинска размена во Вилнус, Литванија, како и на обуки во Вроцлав, Полска и Тирана, Албанија.
Годината ја завршивме со испраќање на седум учесници на младинска размена во Анкара, Турција и тројца учесници на обука во Џаково, Хрватска.
Иако сме на крајот на 2014-та година, нашата работа не запира тука, па така со нови сили, идеи и мотивација ќе ја пречекаме и новата 2015-та. Им се заблагодаруваме на сите наши учесници, волонтери, партнери и пријатели кои ја направија оваа година незаборавна и многу успешна. Останете со нас и во Новата година.
Ви посакуваме новата 2015-та да Ви донесе многу здравје, љубов, среќа и благосостојба. Нека секој нов ден Ви носи нови успеси на секое поле.
Со љубов и почит,
Асоцијација НЕЛ